Радев: Бугарија не прифаќа изјави и однесувања спротивни на договорот за добрососедство
Радев денеска упати остро предупредување до политичарите во Македонија во кое наведе дека Република Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност и со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и со другите меѓународни договори што Македонија ги има потпишано.
„Бугарија постојано и јасно го кажува својот став дека договорите мора да се реализираат. Потсетувам дека РСМ е земја членка на НАТО, од што произлегуваат соодветни обврски и одговорности“, вели бугарскиот претседател во контекст на вчерашната инаугурација на новата претседателка Силјановска-Давкова и завршувањето на изборната кампања.
Договорот со Бугарија беше и меѓу проблематичните теми за ВМРО-ДПМНЕ во кампањата, бидејќи сите претставници на победничката партија дадоа изјави во насока на повторно преговарање на Преговарачката рамка со ЕУ, во која се вклучени и проблематичните моменти со Бугарија.
Новоизбраната претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова вчера ја презеде функцијата, откако положи заклетва во Собранието. Таа кога положи заклетва рече „Изјавувам дека совесно и одговорно ќе ја извршувам функцијата претседател на Македонија“. Сиљановска и во својата предизборна кампања неколку пати изјави дека нема да ја користи придавката „Северна“ во името на државата, што беше сменето со Договорот од Преспа со Грција од 2018 година.