Два месеци од убиството на докторот во Железара со девет убоди: до каде е пронаоѓањето на убијците


Два месеци се трага по лицата кои го убија матичниот доктор Ацо Трпковски во скопската населба „Железара“ пред истоимената поликлиника. Прибрани се траги, се чекаат вештачења, се вршеле распити. Случајот е во рацете на скопското Обвинителство, од каде посочуваат дека ги издале сите потребни наредби за да се обезбедат сторителите на грозоморното убиство. Оттаму, за „Скопје1“ посочуваат дека и натаму се постапува во насока, пред лицето на правдата да бидат изнесени виновниците за крвопролевањето.
„Јавен обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки. Надлежен орган за откривање на сторителите на кривични дела е Министерството за внатрешни работи“, велат од Обвинителството за „Скопје1“
Досега беа уапсени три лица за грозоморното убиство. беа во куќен притвор, но поради немање докази – беа ослободени.
Мотивите за убиството се уште не се докрај јасни, но техничкиот министер за внатреши Панче Тошковски во подкастот „Претрес“ потенцираше дека според првичните информации, мотивот не е поврзан со неговата професија.
Лекарот Ацо Трповски беше пронајден мртов на крајот од февруари, околу 23:00 часот со девет убодни рани на паркингот пред Поликлиниката Железара. Го нашле неговите синови кои почнале да го бараат откако не се вратил дома во предвиденото време.
