Македонија

Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели и Школата на млади лидери на поранешниот претседател Иванов со заеднички проект

Во кабинетот на поранешниот претседателот Иванов синоќа се одржа промоција на програмата Мастер предавања за претприемничка извонредност (“Masterclasses on Entrepreneurial Excellence”) која е поддржана од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели (World Business Angels Investment Forum – WBAF), партнер на Г20 Глобалното партнерство за финансиско вклучување (G20 Global Partnership for Financial Inclusion – GPFI).

Пред присутните поддржувачи, пријатели и алумнисти на Школата за млади лидери се обратиja поранешниот Претседател Иванов и Извршниот претседавач на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, Бајбарс Алтунташ. Тие зборуваа за соработката меѓу Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели и Школата за млади лидери на поранешниот претседател Иванов, која во 2018 година е прогласена за најдобар општествено одговорен проект во Европа во 2017 година од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели. Во контекст на одличната досегашна соработка и најавата на програмата која заеднички ќе се спроведува, како и во насока на можностите за идни заеднички проекти, се потпиша и Меморандум за соработка меѓу Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели и ко-организаторите на Школата, Кабинетот на поранешниот Претседател Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите и Алумни асоцијацијата на Иванов школа за млади лидери ИСЛАА.

Поранешниот претседател Иванов рече дека за постигнувањата на неговата иницијатива Школа за млади лидери зборуваат самите учесници на програмата кои преку стекнувањето на нови лидерски вештини и знаења на школата се подготвуваат за успеси во нивниот професионален и приватен живот. Во текот на годината кога се одбележува 15-години Школа за млади лидери, се организира оваа ексклузивна програма за стартап и претприемништво поддржана од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели со која им се овозможува на младите учесници и алумнисти на Школата за млади лидери да ги надградат своите знаења и вештини за снаоѓање во бизнис околината. Поранешниот претседател Иванов најави дека свеченоста по повод 15-години Школа за млади лидери ќе се одржи на 12 октомври 2024 година во Охрид, по завршувањето на 15-тата Школа, а во текот на годината се организираат неколку настани посветени на овој значен јубилеј, меѓу кои и оваа програма за стартап и претприемништво, за што упати посебна благодарност до Извршниот претседавач на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели, Бајбарс Алтунташ. Господинот Алтунташ, пак, нагласи дека со здружување за патување кон трансформација и зајакнување, ова партнерство го симболизира спојот на стручност, страст и посветеност кон негување на потенцијалот на младите умови и негување на култура на лидерска извонредност.

Програмата за претприемничка извонредност се организира по повод 15 годишнината на Школата за млади лидери, а е наменета само за алумнистите, односно учесниците на претходните школи. Програмата ќе се спроведе во периодот од 8-30 јуни 2024 година и ќе има сесии во живо и онлајн. Учесниците ќе имаат несекојдневна прилика да научат за напредни и сеопфатни стратегии за стартап прилагодени за основачи на стартап компании кои го започнуваат своето финансиско патување од почеток до излез, со стекнување на суштинско знаење и алатки за да се справат со предизвиците и да ги оптимизираат можностите во секоја фаза на нивниот бизнис. Предавачи на програмата ќе бидат искусни експерти кои ќе споделат практични пристапи, иновативни техники и студии на случај од реалниот свет за да ги поттикнат учесниците како претприемачи да постигнат одржлив раст, да обезбедат инвестиции, да управуваат со ризикот и на крајот да ја максимизираат вредноста по излегувањето.

На почеток