Свет

Франција застана на страната на Меѓународниот кривичен суд

Судењето за корупција на Нетанјаху продолжува во екот на војната против Хамас

Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја поддржува независноста на Меѓународниот кривичен суд и неговата „борба против неказнивоста“.

Вака официјален Париз реагираше на повикот на обвинителот на МКС за распишување налог за апсење на лидерите на Израел и Хамас.

„Франција го поддржува Меѓународниот кривичен суд, неговата независност и борбата против неказнивоста во сите ситуации“, се вели во соопштението објавено во понеделникот, пренесува Ројтерс.

Додадена е осуда на „антисемитските масакри“ од страна на милитантната група Хамас на 7 октомври, како и можните прекршувања на меѓународното право од страна на израелската армија во Газа.

„Што се однесува до Израел, Советот за претходна постапка ќе одлучи дали ќе ги издаде тие налози, откако ќе ги испита доказите доставени од обвинителот“, се вели во соопштението.

Главниот обвинител на МКС Карим Кан во понеделникот побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за „поттикнување истребување, поттикнување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.

Побарани се и налози за апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије за истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуални напади.

На почеток