(Видео) Врховниот судија Наке Георгиев ќе си остане во затворот во Шутка, познато каде е сместен
Кривичен совет ја одби жалбата на врховниот судија Наке Георгиев со која бараше да се брани од слобода односно да излезе од истражниот затвор „Скопје“ во Шутка, дознава „Скопје1“. Судиите ја потврдиле одлуката на судијата на претходна постапка кој најде оправданост во одредување на ваква мерка поради опаност од бегство, влијание врз сведоци и поради опасност да го повтори делото.
Георгиев е веќе два дена во притвор. Тој во затворот во Шутка е класифициран како лице со висок безбедносен ризик. Сместен е во притворското одделение. Директорот Филип Андов за подкастот „Претрес“ зборуваше за третманот, а ексклузивно снимивме и во каква ќелија е сега веќе сместен.
Георгиев се сомничи за противзаконито влијание за што примил поткуп од 10.000 евра. МВР го фатило со парите, по што го задржаа во станица.
Кривичното дело за кое се сомничи Георгиев е примање награда за противзаконито влијание. Битието на делото ќе биде исполнето кога некој за себе ќе прибави противправна имотна корист, на начин што, со своето претпоставено влијание ќе го натера другиот да стори противправно дејствие во одредена постапка или процес.
Сопругата на Георгиев е обвинителка од Струмица, а неговиот син заврши академија за судии и јавни обивнители, па стана судија во Кривичен суд. Судиската кариера ја почнува во основиот суд во родната Струмица од каде продолжува во штипска апелација како судија, а подоцна и претседател и од 2020 е врховен судија.
Георгиев имаше и обид да стане член на Судски совет. Тој беше единствен кандидат од Врховниот суд. На гласањето тој доби повеќе чкртаници и неважечки гласачки ливчиња отколку гласови – но беше избран. Потоа поднесе оставка за да нема судир на интереси и син му да стане судија.
(Видео) Судијата Наке се брани со молчење и кажува дека е наместен