Не знаел дека во ќесата има пари: Врховниот судија Георгиев се жали дека го наместиле и тврди дека поткуп не зел
Не знаел што има во ќесата која му ја дал синот на осудениот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, тврдеше денеска пред скопска Апелација врховниот судија Наке Георгиев. Ова е негово прво појавување во јавност по скоро два месеци поминати зад решетки во затворот „Скопје“ во Шутка. Пред Кривичен суд се бранеше со молчење, за разлика од сега кога даде свој став за настанот. Бара да се брани од слобода, бидејќи како што рече, бил наместен.
Според неговиот исказ пред второстепениот суд, тој бил прогонуван од синот на Стојчев. Се сретнале на паркинг, ја земал ќесата, но не знаел дека внатре има пари. Веќе по неколку минути, бил опколен од полицијата и уапсен. Според него, тоа што ја зел ќесата, не е поткуп туку местенка.
Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети се осомничени за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Според обвинителот, ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во ОЈО за организиран криминал и корупција. Потоа се додава дека откако синот видел дека го лажеле двајцата, ги пријавил во МВР, каде му дале обележани банкноти. Кога му ги дал бележаните пари на рака на Георгиев, се појавила полицијата и го фатиле Георгиев на дело.
Синот на Наќе Георгиев, штотуку избран за судија во Кривичниот суд, претходно е делегиран во друг град, а да беше во Скопје, немаше да може постапката за таткото да се води во овој суд.