Се зголемува бројот на загинати при уривање на покрив на зграда во Мајорка


Најмалку четири лица загинаа, а 21 се повредени кога вечерва се урна двокатна зграда на плажата во Палма де Мајорка, туристички центар на шпанските Балеарски Острови, соопшти државната полиција.
Пожарникарите и полициските сили се упатиле на местото на настанот, соопштија итните служби преку социјалната мрежа Х, додавајќи дека биле повикани и психолози.
Зградата што се урна била ресторан, соопшти полицијата. Според службите за итни случаи, се урнал покривот на зградата. Локалните медиуми јавија дека несреќата се случила околу 20:30 часот по средноевропско време.
Шпанската државна телевизија ТВЕ прикажа возила за итни случаи на местото на несреќата и пожарникарите кои работат на расчистување на областа на плажата Медуза во Палма околу 23:30 часот по локално време.
