Шпанија, Ирска и Норвешка денеска официјално ќе ја признаат Палестина
Шпанија, Ирска и Норвешка официјално ќе ја признаат палестинската држава, и покрај жестоката реакција на Израел.
Повеќе од 140 од 193-те земји-членки на Обединетите нации ја признаваат палестинска држава, вклучувајќи го најголемиот дел од глобалниот југ, Русија, Кина и Индија.
Мадрид, Даблин и Осло ја опишаа својата одлука како начин да се забрзаат напорите за обезбедување прекин на огнот во војната на Израел со Хамас во Газа.
Иако декларацијата на трите земји е главно симболична, тие се надеваат дека ќе ги охрабрат и другите земји од ЕУ да го следат примерот.
Шпанија и Ирска ќе бидат најголемите и политички највлијателните земји во 27-члениот блок што ја признаа палестинската држава, приклучувајќи им се на Шведска, Кипар, Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Романија и Бугарија.
Велика Британија, Австралија и членката на ЕУ Малта во последните месеци навестија дека можеби ќе го следат примерот.
Но, Франција рече дека сега не е време да се признае палестинската државност, додека Германија му се придружи на најверниот сојузник на Израел, САД, во отфрлањето на едностраниот пристап, инсистирајќи дека решението со две држави може да се постигне само преку дијалог.
„Се надеваме дека нашето признавање и нашите причини ќе придонесат другите западни земји да го следат овој пат, бидејќи колку повеќе сме, толку повеќе ќе имаме моќ да воведеме примирје“, рече премиерот Педро Санчез.
Трите земји ја признаваат палестинската држава во границите кои треба да бидат демаркирани како пред 1967 година, со Ерусалим како главен град на двете држави.