Продолжува ,,сапуницата” за избор на наследник на Кацарска
За денеска е закажана нова седница и нов обид да се избере наследник на Добрила Кацарска во претседателското столче во Уставен суд.
Согласно Деловникот, постапката за избор се повторува се додека не се избере претседател на Уставниот суд.
Досега немало случај да не се избере претседател дури ни во четвртото гласање, како што беше вчера.
Неизвесно е дали една од кандидатките ќе го добие потребното двотретинско мнозинство за да застане на чело на Уставен.
Двете кандидатки: уставните судијки Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева останаа закопани во своите ровови и не покажуваат желба за наоѓање заедничко решение.
Според информациите на Скопје1 на сите гласања Васиќ- Бозаџиева имала 5 гласа, а Павлова-Данева поддршка од 4 судии.
Според Деловникот за избор се неопходни минимум 6 гласа.
Иако една од точките на разединување се измените во Деловникот за употреба на јазиците, воведување и на заменик претседател, сепак поделбите се изгледа по сите шавови.
Гласањето е тајно и додека за другите судии се претпоставува која кандидатка подржуваат, не се знае каде оди гласот на Кацарска.