Амбасадорката на САД Анџела П. Агелер во посета на Уставниот суд


Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски оствари тет-а-тет средба со амбасадорката на САД во земјава, Н.Е. Анџела Прајс Агелер, по што следуваше и работен состанок со судиите на Уставниот суд, проф. д-р Осман Кадриу, Насер Ајдари, Добрила Кацарска,м-р Татјана Васиќ Бозаџиева, проф.д-р Јадранка Дабовиќ, проф.д-р Ана Павловска-Данева.
Претседателот на Судот, Костадиновски ја информираше амбасадорката Агелер за приоритетите во неговиот мандат, како и за внатрешните и надворешните предизвици со кои се соочи Уставниот суд во неговото работење изминатиот период.
„Судот во овој капацитет преку активностите кои се преземаат за поголема одлучност и бескомпромисност во постапувањето, надополнети со транспарентност и судски активизам работи засилено на враќањето на довербата во владеењето на правото и зголемување на довербата на граѓаните во Уставниот суд. Особено ќе го потенцирам напредокот во полето на транспарентноста и како пример ќе го дадам фактот дека се подготвуваме за целосно снимање и пренесување во живо на подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците, кој претставува исклучително сензитивен предмет и за кој ќе овозможиме на граѓаните да видат и слушнат со свои очи дека одлуките во Судот се носат објективно и без било какви влијанија”, истакна претседателот Костадиновски.
Претседателот информираше дека Судот ќе остане непоколеблив и без оглед на сите обиди за политизација и етнизација на работата и постапувањето, цврсто ќе стои зад заштитата на Уставот и слободите и правата на човекот и граѓанинот.
„Основната надлежност на Уставниот суд е да ја штити состојбата на уставност во правниот поредок. Тоа значи дека сите акти и дејствија на сите власти да бидат усогласени со Уставот. Крајно време е сите кои и мислат добро на државата своите јавно изнесени заложби за посветеност на владеењето на правото да ги направат реални, а не лажни или декларативни,” изјави претседателот на Судот.
Амбасадорката Агелер ја изрази поддршката од САД за враќање на довербата во правната држава преку транспарентни постапки и одлучување исклучиво според Устав и законите.
Амбасадорката Агелер ги охрабри Судиите да одолеваат на било какви влијанија и притисоци во постапувањето и кога ќе влезат на седница да ги остават настрана сите останати улоги, а пред се’ да бидат уставни судии.
Судиите ја поздравија долгогодишната поддршка од САД за владеење на правото. Судијата проф.д-р Павловска-Данева кажа дека е потребна поддршка од сите фактори за да се овозможи снимање на седниците на кои судиите дискутираат и ги градат случаите.
„Особено важно за нас е што јавно ја изразувате поддршката во транспарентните постапки, да ние сме свесни дека во многу земји таков начин на водење на постапки со снимање во живо не е случај, но да не заборавиме основно е што таму имаат сосема поинаква уставна култура, изјави судијата Павловска-Данева.
За долгогодишната поддршка во владеењето на правото од страна на амбасадата на САД во земјава ја поздрави судијата проф. Д-р Осман Кадриу.
