Уставен оценува дека со скандалозен критерум се унапредувале обвинители: Се врши дискриминација на обвинителите


Уставниот суд смета дека Советот на јавни обвинители вршел дискриминација на обвинителите. Судиите ја прифатија забелешката на обвинителката Ленче Ристоска и донесоа одлука за поведување на постапка. Со ова, виси на конец одредбата на Деловникот со која обвинителите се оценуваат за нивната работа кога бараат унапредување, како дел од критериумите.
Судиите гледаат дискриминација во одредбата, бидејќи, членовите на Советот на јавни обвинители можат да добијат унапредување без оценување. Но, кога во прашање се обвинителите кои аплицираат за повисока функција – мора да има оценување.
„Скандалозна е од критериум на правото и Уставот. Едногласно се усвои одлуката да се поведе постапка. Предложив времена мерка за да се стопира извршување на овој акт, додека Уставниот суд не се произнесе со одлука за правната судбина. Но вториот предлог не го доби потребното мнозинство“, рече судијата Осман Кадриу.
Досега, двајца обвинители успеале со помош на позитивни оценки да унапредуваат во кариерата. Тие се избрани во втората половина од минатата година.
„Вака се врши дискриминација на обвинителите. Како може да се вреднува нивната работа како позитивна оценка, а оценката се однесува само на обвинителската функција и нејзиното вршење? Обвинителската функција ја вршат само носителите на функцијата и нивното работење се оценува. Обвинителите кои се во Советот не ја вршат функцијата – обвинител. Нив им мирува“, додаде судијaта.
