Завршуваат преговорите за Влада, Мицкоски во четврток го добива мандатот од Сиљановска
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во четврток ќе му го даде мандатот на мандатарот Христијан Мицкоски. Тој кажа дека состаноците за формирање Влада се при крај. Тој кажа дека очекува многу брзо да го поднесе составот на новата Влада.
„Преговорите привршуваат, тие се веќе завршени во одредена мера, во делот на владините ресори. Завршени се и во третиот ешалон, денеска треба да бидат потврдени. Очекувам утре претседателот Сиљановска да го даде мандатот. Очекувам час поскоро да го поднесам составот на членови на идната Влада, малку се размислуваме поради одредени верски празници кои се пред нас Задушница и Рамазан, ќе треба да се води сметка и за тоа, така што ќе треба да нивелираме некои работи. Очекувам идната Влада да биде изгласана пред крајниот рок, дефиниран со Закон и Устав“, рече Мицкоски.
Прашан за распределба на ресорите, кажа дека не сака да зборува за имиња, а наскоро денеска ќе се знаат.
Кажа дека меѓу првите закони кои ќе бидат поднесени се во однос на изборот на членови на судски и обвинителски совет, за судството и обвинителството да бидат ослободени од политика.