Хистеријата кај јужниот сосед е поради изборите, татковината ми е Македонија, Преспанскиот ќе го почитувам, вели Мицкоски
Христијан Мицкоски рече дека во изјавите ќе продолжи да користи Македонија, бидејќи тоа му е татковина, а на Самитот на НАТО ако се отвори тоа прашање, ќе порача дека сака да гради мостови со сите соседи. Ова доаѓа откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави иницијатива поради некористењето на новото уставно име.
„Претпоставувам хистеријата кај јужниот сосед е поради изборите, не очекувам талибански однос. Се што е дел од Преспанскиот договор, Владата ќе го почитува. Вклучително и решенијата за пратеници, ги добивме со придавката. И предлог законот е со придавката вклучена во него. Но мое човеково право загарантирано со многу конвенции е правото на слобода и изразување и говор“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека не им се лути на политичарите кога не го кажуваат целото име туку само крајот или дел.
„Мојата татковина е Македонија и ќе остане Македонија. Комуникацијата која е дел од Уставот и законите, ќе остане додека тие се во сила“, додаде Мицкоски.