Свет

Борељ: ЕУ го поддржува планот за прекин на огнот во Газа претставен од Бајден

Борел: Немам сопствен склад за муниција овде во Брисел

Европската унија целосно го поддржува планот презентиран од американскиот претседател Џозеф Бајден, кој би довел до траен прекин на огнот во Појасот Газа, ослободување на сите заложници и зголемување на хуманитарната помош во областа, изјави високиот комесар на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борељ.

Во изјавата објавена на веб-страницата на Европскиот совет, Борељ наведува дека ЕУ ги цени „одлучните напори на САД, Египет и Катар за олеснување на преговорите за завршување на војната во Појасот Газа, истовремено обезбедувајќи ја безбедноста на Израел“. Борељ нагласи дека се загубени премногу цивилни животи.

„Итно е потребен траен прекин на огнот за да се обезбеди заштита на цивилите, безусловно ослободување на сите заложници и да се зголеми протокот на многу потребна хуманитарна помош во Газа, со оглед на продлабочената хуманитарна криза“, рече тој.

Борељ рече дека мирот и стабилноста на Блискиот Исток се во интерес на двата народа, на регионот во целина, но и на глобално ниво.

„ЕУ ги охрабрува двете страни да го прифатат и имплементираат предлогот во три фази и е подготвена да придонесе за заживување на политичкиот процес за постојан и одржлив мир, заснован на решение со две држави, како и да ги поддржи координираните меѓународни напори за обнова на Газа“, нагласи Борељ.

Бајден во петокот го претстави предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа, според кој траен прекин на огнот ќе се постигне преку три фази.

Планот презентиран од Бајден беше поддржан од Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија, Канада и Италија, додека Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Египет и Обединетите Арапски Емирати ги повикаа Израел и Хамас да го разгледаат планот „сериозно и позитивно“.

На почеток