Доктор Даниловски и „претепан“ и злоупотребен
Името на епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, за три месеци, три пати е злоупотребено во лажна реклама за продажба на чај, кој наводно ги прочистува крвните садови. Но, третиот пат веста, која се спонзорира со многу бомбастичен наслов Скандал на „Канал 5“ – познат македонски кардиолог беше удрен во лице во студиото на „Канал 5“ за откривање нов метод за чистење на крвните садови во секоја возраст! Уште повеќе што, заедно со лажното интервју, е објавена и фотографија на човек во болнички кревет со монтирана фотографија од докторот.
– Ова не е прв пат, но би било добро да е последен. Сакајќи да ги заштитам пациентите и моите пријатели да се спречи оваа злоупотреба на сомнителниот лек, но и себеси од непријатности, уште пред два месеца поднесов пријава до ОЈО, но иако ми рекоа дека ќе ме контактираат, до овој момент нема ништо. Ќе испратам и дополнение на пријавата, па верувам дека Обвинителството ќе преземе мерки. Ова е навистина многу опасна ситуација. Ниту сум кардиолог ниту знам за каков препарат се работи, а сигурен сум дека многумина го купиле, верувајќи дека јас го препорачувам. А, монтираната фотографија со мојот лик дополнително ги вознемири моите блиски и пријателите – изјави познатиот епидемиолог за весникот ВЕЧЕР.