Свет

Русија нема намера да употреби нуклеарки засега, но предупреди: Доктрината е жив инструмент, Русија има помоќен арсенал од Америка

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија не се заканува со нуклеарно оружје и оти смета дека употребата на нуклеарно оружје во моментов е невозможнo.

На прашањето како Русија би постапила во случај на напад врз неа со нуклеарно оружје, Путин рече дека доколку тоа воопшто се случи, граѓаните треба да знаат дека Русија има систем за рано предупредување за такви напади и дека Русија има многу помоќни нуклеарни бомби во својот арсенал од оние што Америка ги фрли на Јапонија и дека ги има многу повеќе.

Тој не ја исклучи можноста за промени во руската нуклеарна доктрина, пренесува РИА Новости.

„Оваа доктрина е жив инструмент и ние внимателно следиме што се случува во светот, околу нас и не исклучуваме некои промени во таа доктрина“, изјави рускиот претседател на Економскиот форум во Санкт Петербург.

Рускиот претседател се осврна и на прашањето за брзината на решавање на воената операција во Украина, велејќи дека тоа е директно поврзано со загубите во руската армија.

„Имајќи го тоа предвид, многу поважно е да се зачуваат животите на војниците кои се борат во зоната за специјални воени операции“, нагласи тој.

Кога станува збор за Украина, Путин рече дека Русија е подготвена за преговори само под условите поставени претходно.

To Top