Костадиновски: Седниците на Уставен суд ќе се емитуваат во живо


Враќање на довербата на граѓаните во правниот систем ќе биде приоритет во работата на новиот претседател на Уставен суд Дарко Костадиновски, најави тој денеска на својата прва прес-конференција. Кажа дека во моментов довербата во правната држава е на историско ниско ниво и затоа тој ќе се залага тоа да се поправи.
„За остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори. Прв чекор е бескомпромисноста во обезбедување на независноста и самостојноста на Уставен суд, како и мојата бескомпромисност во обидите за било какви политички влијанија. Ќе предложам седници на Уставен суд да се снимаат и да се емитуваат во живо. Во други земји не се снимаат и не се пренесуваат во живо, но во тие земји немаме девастирано владеење на правото како кај нас. За да се врати довербата на граѓаните потребни се похрабри и одлучни чекори“, рече Костадиновски.
Костадиновски беше избран за нов претседател на Уставен суд на 4 јуни по над 10 круга гласање. Тој доби мнозинство од гласовите, а противкандидат му беше колегата Осман Кадриу. Претходно се тркаа Тања Васиќ-Бозаџиева, Ана Павловска-Данева, но откако не добија доволно (6) гласови од вкупно 9-те уставни судии, беше предложен Костадиновски.
