Свет

(Видео) Палма де Мајорка под вода, поплавен е и аеродромот

Вчера попладне, силен дожд поплави делови од популарната шпанска туристичка дестинација Палма де Мајорка, а во големи проблеми беше и аеродромот, поради што беше затворен извесен период.

Дури и пистите беа поплавени. На социјалните мрежи кружат видеа од поплавата каде некои вработени дури и нуркале за да покажат колку длабока е водата.

„Метеоролошката станица на аеродромот забележа врнежи од речиси 5 сантиметри на час, кои за помалку од еден час го достигнаа врвот на 9 сантиметри.

Сведоците рекоа дека се било хаотично и дека патниците трчале да се засолнат од дождот кој излеал низ покривот на аеродромската зграда, пишува Мајорка Дејли Булетин.

Аена, операторот на аеродромот во Палма де Мајорка, потврди дека имало поплави на некои влезови во објектот и во зградата на терминалот.

Во соопштението се наведува: „Аеродромот во Палма де Мајорка е привремено парализиран поради ударот на силна бура, поради неможноста за безбедно функционирање“.

Аеродромот – трет по големина во Шпанија – активираше план за итни случаи и летовите до Мајорка беа привремено пренасочени на алтернативни аеродроми, рече министерот за транспорт Оскар Пуенте.

По некое време, кога дождот престана, аеродромот продолжи со работа.

„Првите полетувања и слетувања се веќе започнати, а пренасочените летови се очекува да слетаат на аеродромот во текот на попладневните часови“, додаде Аена.

На почеток