Во Германија за прв пат гласаа и 16-годишни
Во Германија, Австрија, Белгија и Малта, 16-годишниците првпат гласаа на изборите за Европскиот парламент, откако старосната граница за гласачите беше намалена за две години. Во Грција старосната граница е намалена на 17 години, а резултатите од изборите покажуваат промена во начинот на размислување на младите за избор на политички опции.
На претходните европски избори пред пет години, тинејџерите ширум Европа масовно излегоа на улиците, протестирајќи против политиките за заштита на климата. Немаа право на глас, но реагираа на одлуките кои ќе им го дефинираат животот со години.
Анкетите покажуваат дека младите луѓе (обично на возраст меѓу 18 и 24 години) во демократиите од двете страни на Атлантикот повеќе гласаат за левичарски, прогресивни партии отколку за оние од десницата. Поради ова, европските конзервативци долго време се противат на давање глас на 16 и 17-годишници, иако на постарите тинејџери законски им е дозволено да работат и во некои случаи поседуваат возачка дозвола.
И навистина, на изборите за Европскиот парламент во 2019 година, најмладите гласачи излегоа со бои, изразувајќи ја својата загриженост за глобалното затоплување и придонесувајќи за т.н. „зелен бран“. Третина од младите во Германија гласаа за Зелените.
Денес приказната е сосема поинаква. Многу млади луѓе во Германија го дадоа својот глас за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD). На овие избори за АфД гласаа 16 отсто од гласачите во возрасната група од 16 до 24 години, што е за 11 отсто повеќе од пред пет години. Треба да се напомене дека мнозинството тинејџери не гласале за екстремната десница, но зголемувањето на бројот на оние кои гласале е сепак алармантно и застрашувачки, анализира Си-Ен-Ен.