Свет

Израелските тенкови влегоа подлабоко во Рафах

Израелските тенкови влегоа подлабоко во западниот дел на Рафах во едно од најтешките бомбардирања во текот на ноќта од воздух, копно и море, принудувајќи многу семејства да ги напуштат своите домови и шатори во темнина, изјавија жителите на градот за Ројтерс.

Жителите рекоа дека израелските сили напредуваат кон населбата Ал-Маваси во близина на плажата, која е означена како хуманитарна зона во сите израелски воени соопштенија и мапи од почетокот на офанзивата во Рафах во мај. Израелската армија негираше дека извршила какви било напади во областа.

Израел тврди дека неговата цел е да ги уништи последните преостанати борбени сили на Хамас во Рафах, град кој прими повеќе од еден милион бегалци. Повеќето од овие луѓе сега се преселиле на север кон Кан Јунис и Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа.

Израелската војска соопшти дека продолжува со „таргетираните операции засновани на разузнавање“ во Рафах. Во изминатите 24 часа, војниците открија оружје и убиле палестински милитанти во тесна борба.

Во последните 24 часа, израелската армија погоди 45 цели од воздух низ Појасот Газа, вклучувајќи воени структури, милитантни ќелии, ракетни фрлачи и тунелски шахти.

Во меѓувреме, продолжуваат напорите да се постигне прекин на огнот, со посредство на Катар и Египет, кои се поддржани од САД.

Хамас го поздрави новиот американски предлог за прекин на огнот, но со одредени измени, нагласувајќи дека договорот мора да обезбеди крај на војната и целосно израелско повлекување од Појасот Газа, што Израел продолжува да го отфрла.

To Top