Сиљановска Давкова на Самитот за мир: Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот и светскиот мир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на пленарната сесија на Самитот за мир во Украина, што викендов се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија.
Во обраќањето претседателката оцени дека тековната војна во Украина нè засега сите нас, земјата е изложена на огромно човечко страдање и уништување, безбедносната архитектура на Европа е под закана, а на глобално ниво животите на милиони луѓе се засегнати од тешките економски последици.
„На најсилен можен начин ја осудуваме неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија и ја поддржуваме Украина на најдобар начин, дури и повеќе од она што го дозволуваат нашите ограничени капацитети, ресурси“, рече претседателката Сиљановска Давкова.
Нашата држава, посочи претседателката, се приклучи кон Кримската платформа и целосно се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а Украина беше главен приоритет за време на македонското претседавање со ОБСЕ во 2023 година.
На хуманитарен план, рече претседателката, се приклучивме на меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и обезбедивме цивилна поддршка и итна помош за Украина и за украинските бегалци. Како поддршка на евроатлантските аспирации на Украина, посочи претседателката, испративме воена опрема преку Пакетот за сеопфатна помош на НАТО.
„Како суверена нација, само Украина може да одлучи за својата иднина. Од Украина зависи кога и како ќе ја ангажира Русија за евентуално усогласено решение. Праведниот мир мора да биде вкоренет во принципите на Повелбата на ОН за суверенитет и територијален интегритет. Обидот на Русија да стекне територија со сила е флагрантно кршење на овие основни начела. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие можат да се претворат во толерирани практики. Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот, па дури и светскиот мир и безбедноста. Единствениот начин да се избегне ова е да се почитува Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право, без исклучок“, рече претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека воздржувањето од употреба на сила, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, и заштитата на човековите права и основните слободи, се цврсти принципи за кои не може да се преговара.
Во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова рече дека додека се развива рамката за иден мировен договор, ќе продолжиме да ја поддржуваме слободна, независна, демократска и суверена Украина.