Свет

Украина и Молдавија во вторник ги отвораат преговорите со ЕУ

Земјите-членки на ЕУ ги усвоија преговарачките рамки за Украина и Молдавија, со што се создадени услови за почеток на пристапните преговори, соопшти денеска белгиското претседателство.

„Советот на ЕУ ја усвои преговарачката рамка за пристапните преговори со Украина и Молдавија. Ова го отвора патот за почеток на преговорите во вторник на 25 јуни во Луксембург“, соопшти белгиското претседателство.

Неколку месеци по рускиот напад на Украина, во јуни 2022 година, ЕУ им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија. Во декември минатата година, шефовите на држави или влади на земјите-членки на ЕУ одлучија да ги отворат преговорите со двете поранешни советски републики. Потоа требаше да се усвојат преговарачките рамки за навистина да се отворат преговорите.

Досега Унгарија го блокираше усвојувањето на преговарачката рамка за Украина, тврдејќи дека земјата не ги исполнила бараните услови, особено во однос на унгарското малцинство во Украина.

Отворањето на пристапните преговори е долг процес кој може да потрае со години. Секој чекор во процесот бара консензус од сите земји-членки. Во ЕУ потенцираат дека двете страни треба да бидат подготвени за проширување, земјата кандидат, но и самата Унија.

На почеток