Претседателката Сиљановска Давкова го прими јапонскиот амбасадор, Оцуко Казуја


Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Јапонија, Оцуко Казуја.
На средбата беше потенциран интересот за натамошното јакнење на соработката и зближувањето меѓу двете земји и народи, при што претседателката Сиљановска Давкова изрази очекување за интензивирање на политичкиот дијалог со Јапонија во иднина, со цел унапредување на меѓусебно разбирање и соработка на политички, економски и културен план.
Во тој контекст беа поздравени проектите од Јапонската иницијатива за соработка со државите од регионов, кои се очекува дополнително да го унапредат развојот на економските односи и да го зголемат интересот на јапонската бизнис заедницата за инвестирање во земјава.
Во разговорот со јапонскиот амбасадор, Претседателката изрази поддршка за сите поголеми активности и иницијативи со цел продлабочување на билатералната соработка во сферата на културата, образованието и науката и го поздрави македонското учество на Осака ЕКСПО 2025.
Претседателката Сиљановска Давкова упати благодарност до Јапонија, како една од најголемите билатерални донатори во нашата земја, за континуираната поддршка во областа на образованието и здравството, преку проектите за техничка соработка, грантови и донации.
На средбата, беше посочено дека годинава се одбележува 30 годишнината од воспоставување на дипломатските односи и 100 годишнината од раѓањето на познатиот архитект Кензо Танге, кој учествуваше во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес.
