Шестмина од обвинетите во „Синџир“ признаа вина и се спогодија со Обвинителство, во буџетот вратени речиси еден милион евра
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) преку писмено соопштение информираше дека шестмина од обвинетите лица и фирми нема да бидат дел од судската постапка бидејќи веќе ги признале делата и им се изречени осудителни пресуди, по претходна спогодба. Почетокот на судскиот процес за случајот „Синџир“ е закажан за денеска во Основниот кривичен суд во Скопје
Од Обвинителството велат дека со постигнатите спогодби, кои биле прифатени од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, на шестмината обвинети им се изречени условни казни, а во буџетот на државата се вратени речиси 1 милион евра.
Во случајот „Синџир“ со истрагата беа опфатени 26 лица, сопственици и управители на 28 фирми, осомничени дека создале шема за даночно затајување, преку која со издавање на фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, го оштетиле државниот буџет за околу 8 милиони евра.