Свет

(Видео) Ултраортодоксните Евреи фрлале камења по автомобилот на министерот: Бесни што мора да одат во војска

Протестите против регрутирањето на ултраортодоксните Евреи во израелската армија вчера станаа насилни. Демонстрантите ги нападнаа полицајците, но и автомобилот на министерот, соопшти локалната полиција. Демонстрантите фрлале со камења врз полицајците и автомобилот на министерот Јицак Голдкнопф, кој се враќаше дома. Запалија и корпи за отпадоци и го блокираа автопатот.

Портпаролот на Голдкнопф потврди за Си-Ен-Ен дека полицијата го евакуирала министерот неколку минути по нападот и дека тој не е повреден. Голдкнопф е министер за домување и градежништво и лидер на еврејската партија Обединета Тора.

На видеата на социјалните мрежи се гледа како демонстрантите го опкружуваат автомобилот на министерот и удираат по прозорците. Ултраортодоксните Евреи протестираа на улиците на Ерусалим откако израелскиот Врховен суд во вторникот донесе одлука со која и нареди на владата да привлече ултраортодоксни Евреи во армијата.

Од основањето на Израел, ултраортодоксните Евреи се ослободени од задолжителна воена служба. Иако и мажите и жените се предмет на задолжителна воена служба на Израел, одлуката на судот во овој случај се однесува само на ултраортодоксните мажи.

Полицијата соопшти дека морала да употреби сила вчера за да ги растера демонстрантите откако тие ги игнорирале наредбите да си заминат. Уапсени се пет лица, од кои две за напад врз полицајци, а три за фрлање камења или други предмети, се вели во полициското соопштение. Дел од полициските службеници останаа во областа за да го насочат сообраќајот и да спречат понатамошни нарушувања.

„Полицијата сериозно ги сфаќа обидите на овие насилни прекршители на законот да ги повредат израелските полицајци со камења, јајца и други работи.“, велат од полицијата.

На почеток