Скопје

Приватните автобуси од петок нема да возат, не им платилe од јануари

Приватните превозници од петок нема да возат, бидејќи ЈСП „Скопје“ повторно не им плаќаат за услугата. Заклучно со јуни им се должи 140 милиони денари односно 2,2 милиони евра.

Денеска возачите излегоа на прес-конференција на која кажаа дека немаат веќе пари за гориво, должат на пумпите каде што полнат и веќе почнале да добиваат тужби. Како ќе им снемува гориво, така ќе ги паркираат автобусите и ќе ги исклучат од сообраќај.

„Последна исплата имавме за јануари и тоа само 35 проценти од сумата. Веќе не можеме да издржиме. Сакаме да им се извиниме на граѓаните и да им кажеме да не чекаат приватни автобуси на топлово оти нема да возиме“, кажа Оливер Петрушевски, возач кај приватните превозници.

Велат дека имале средба со ексдиректорот Крсте Петревски кој им ветувал исплати, но сега ЈСП има нов директор Драги Кушовски, кој уште не ги примил на средба и немаат никакви најави дека ќе добијат пари.

Скопје без приватни автобуси остана и во ноември 2022, исто така поради долг од 1,5 милиони евра. Тогаш Арсовска го раскина договорите со превознциите „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ велејќи дека на градот не му требаат приватни автобуси.

На почеток