Eкстремно топлиот бран во Македонија ќе се задржи уште десеттина дена, температури и до 45 степени


Оваа година се повторува она лето од 2007 година, кога имавме екстремно високи температури на воздухот, исто тогаш и тоа на 24 јули 2007 година е соборен и температурниот рекорд во Македонија за највисока температура од кога се мерат температурите, и тоа во Демир Капија каде се измерени дури 45.7 степени.
И во следните десеттина дена нашата територија ќе се наоѓа под влијание на овој екстремно топол бран од Африка, па така и температурите ќе бидат екстремно високи насекаде во Македонија, што значи дека тие ќе се искачуваат до околу, па и над 35 степени. Во најтоплите централни и југоисточни предели температурите, особено во текот на следната работна седмица ќе се искачат и до околу 45 степени.
Во Скопската котлина, исто така температурите ќе надминуваат 40 степени, односно се очекуваат максимални температури кои ќе се движат во интервалот помеѓу 40 и 43 степени. Ув индексот ќе има екстремно висока вредност 10.
Тука се и тропските ноќи, односно, температурите во поголем дел од Македонија и во текот на ноќните и раните утрински часови нема да се спуштаат под 20 степени.
Во ваква ситуација, апелираме задолжително да се почитуваат препораките од надлежите, односно препораките кои ги издава Институтот за јавно здравје.
