Герасимовски: Стравувањето со вандализмот бара законски измени кои ќе ги предложиме до ЗЕЛС


Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски иницираше средба со проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова од Институт за социологија при Филозофскиот факултет на која разговараше за девијантните појави и вандализмот во Капиштец. На средбата беше потенцирано дека вандализмот и деструкцијата кај младите е проблем кој мора да се адресира со соодветни законски решенија и стратегија.
„После она што го видовме на снимките од игралиштето во Капиштец со право секој од нас ќе се запраша постојат ли казни или санкции за сторителите, а ако се тие малолетни, за нивните родители? Затоа решив да покренам иницијатива, која ќе биде доставена и до Зелс. Го задолжив правниот сектор и секторот за јавни дејности да изготват предлог измени во законите од доменот на деца, родителството, основното и средно образование, малолетничката деликвенција, се со цел да ја подигнеме свеста и да воведеме мерки за ресоцијализација на младите и нивните родители преку воведување општо корисна работа“, посочи Герасимовски на средбата.
Иванова потенцираше дека справувањето со девијантното однесување кај младите бара поширока кампања.
„Решението за девијантните појави и однесување кај младите бара поширока кампања во која не треба да бидат вклучени само стручни лица, туку треба да има општа мобилизација и работа не само со децата, туку и со родителите за да имаме резултати“, рече Иванова.
Општина Центар пред неколку дена објави видео снимки на кои млади лица насилно се однесуваат и кршат реквизити на детски игралишта. Видео снимките ги доби од загрижени жители од околните згради кои скришно ги снимале. Општината случајот како и претходните го пријави во полиција со цел да се пронајдат сторителите. Во општината насилното однесување е честа појава со која општината се обидува да се справи веќе подолго време. Периодов во Општина Центар има зголемено полициско присуство.
