Урсула фон дер Лајен е избрана за претседател на Европската комисија
Урсула фон дер Лајен по втор пат е избрана за претседател на Европската комисија (ЕК).
Пратениците во Европскиот парламент (ЕП) гласаа за реизбор на Фон дер Лајен, кој беше на чело на ЕК и во претходниот мандат.
За изборот на фон дер Лајен гласаа 401 европратеник, 284 беа против, додека 15 европратеници беа воздржани. Не гласаа седум пратеници.
Таа претходно во политичките насоки за следната Европска комисија изјави дека пристапувањето во ЕУ секогаш ќе биде процес заснован на заслуги и рече дека ќе има зголемена поддршка за подготовка на земјите кандидати, вклучително и преку инвестиции и реформи од Планот за раст за Западен Балкан.
„Пристапувањето во ЕУ секогаш ќе биде процес заснован на заслуги – и секој кандидат ќе се оценува според сопствениот напредок кон исполнување на сите критериуми. Ќе ја зајакнеме поддршката за подготовка на земјите кандидати, особено користејќи инвестиции и реформи во Планот за раст за Западен Балкан и инструментот за Украина. Ова ќе помогне да се интегрираат во делови од правото на ЕУ и единствениот пазар и ќе ги навикне да пристапуваат до фондовите на ЕУ“, се вели во насоките за политика на Фон дер Лајен, објавени од Европската комисија.