Фон дер Лајен: ЕУ ќе и даде на Украина заем до 35 милијарди евра
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска за време на посетата на Киев изјави дека ЕУ ќе и додели на Украина заем до 35 милијарди евра за да и помогне во војната со Русија.
Заемот е дел од поширокиот план меѓу земјите од Г7 за собирање средства со помош на приходите од замрзнатите руски средства под санкции поради војната со Украина, пишува Ројтерс.
Фон дер Лајен вчера во Брисел објави дека Европската комисија дополнително ќе одвои околу 160 милиони евра за помош на енергетскиот систем на Украина, што вклучува 60 милиони за хуманитарни потреби и 100 милиони за поправки и реконструкција.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Европската унија „го изгубила умот“ и дека со доделувањето дополнителни средства за воена помош за Украина, тргнала на „патот на уништување“.
Захарова го повтори тврдењето дека ЕУ ја загубила својата автономија и е подредена на целите на Вашингтон, велејќи дека Брисел ја изгубил секоја власт.
„Сега ЕУ го изгуби умот. Тоа е курс кој води кон ескалација на тензиите со Русија“, рече Захарова.
Таа ги обвини западните земји за кражба на руски имот.
„Крадат се, недвижен имот, движен имот, суверен имот. Перењето на овој незаконски стекнат имот буквално се случува пред наши очи, преку купување оружје за Украина“, рече Захарова.