Македонија

Претседателката Сиљановска Давкова прими претставници на македонски здруженија во Албанија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Вила Билјана во Охрид, прими претставници на македонски здруженија во Република Албанија.

На средбата на којашто присуствуваа Едмонд Темелко, Спиро Малевски и Елеонора Мазенковски од организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија – „Преспа“, Бесник Хасани, од македонското друштво „Мост“, Мехмед Хоџа од друштвото „Гора“, Панди Јани од Партијата на слободата за Мала Преспа и македонскиот активист Панде Симоновски од Тирана, претседателката беше запозната со тековните активности на Македонците во Албанија фокусирани на заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик, култура и традиции. Претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од нивниот значаен придонес во средините во коишто живеат и работат, континуирано унапредувајќи ги македонско-албанските односи.

Во разговорот беа разменети мислења за резултатите од последниот попис во Албанија, при што претставниците на македонското национално малцинство, осврнувајќи се на правата и слободите на Македонците во Албанија, изразија незадоволство од спроведениот попис. Истакнувајќи го почитувањето на етничката, религиска, јазична и идентитетска припадност на малцинствата, како темелна европска вредност, претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи важноста пописот, секогаш, без исклучок да ја отсликува реалноста во секое општество.

На средбата со претставниците на македонските здруженија присуствуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пратеничката во македонското собрание, Рашела Мизрахи и поранешниот амбасадор во Република Албанија, Веле Трпески.

На почеток