Велешанец приведен за предизвикување пожар: палеле две седишта на автомобил
„Како дел од оперативната акција „Пожар 2024“, денеска (21.07.2024) по добиена пријава на телефонскиот број 112 дека НН лица ја палат депонијата која се наоѓа на патот с.Горно Оризари – с.Клуковец, веднаш се преземени мерки и активности од страна на полициски службеници од ПС-ОН Велес, при што е затекнат С.Ц. од с.Горно Оризари како пали две седишта од автомобил, а во непосредна близина е предизвикан пожар при што е опожарена сува трева“, објави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и додава:
Од страна на полициските службеници С.Ц. е лишен од слобода, а предизвиканиот пожар е изгасен. По насоки на јавен обвинител од ОЈО Велес, лицето е задржано во полициска станица за понатамошна постапка и по документирање на случајот, од страна на СВР Велес ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело “предизвикување општа опасност” по чл.288 од КЗ.
Министерството за внатрешни работи продолжува со активностите под оперативната акција „Пожар 2024“ и апелира до граѓаните да бидат исклучително внимателни кога се движат во природа. Секоја активност во насока на намерно или ненамерно предизвикување на пожари ќе биде санкционирана најстрого во рамките на законските норми. Ако граѓаните забележат било какво сомнително движење или активности, веднаш да пријават во најблиската полициска станица или на телефонот 112.