Вработени во затворот во Шутка трпат закани, Сокол ќе добие кривична и под итно мора да биде сменет, најави Пандов
Директорот на Управата за извршување санкции, Аленсадар Пандов, потврди дека четири лица избегале од затворот „Скопје“ во Шутка во текот на ноќта, а станува збор за лица кои при контролата во петокот се враќале назад во затворот откако телефонски биле повикани. Пандов најави кривична пријава за директорот Филип Андов-Сокол. Посочи дека во т.н. дел „возен парк“, било строго забрането да влегува било кој полицаец, туку само одредени кои можеле да вршат контрола. Лица од Управата влегле во затворот во Шутка денеска, за да ги земат снимките од камерите.
„И покрај нашата вонредна контрола, четвори лица од овие 11 кои не ги најдовме таму во затворот „Скопје“, утрово во 5 часот, не се наоѓаат таму и се во бегство. Исто, што е зачудувачки, истовремено, додека ние го правевме надзорот од 11 до 03 часот, 10 од тие лица, по еден, два три часа се враќаа.. Слободно се движења околу нас, разговараа со полицајците.. Иако требаше да бидат затворени“, рече Пандов.
Тој додаде и дека затворските полицајци му кажале дека немаат никаква заштита.
„Тие се јавуваат на Сокол, вадат телефони пред нас и велат дека им се закануваат, посочуваат ‘директоре ние ви дадовме пари..’. Кога ќе имаме записник ќе го доставиме до Обвинителството. Јас го замолив премиерот Мицкоски, не само Сокол, туку и во најголем дел од затворите, слична е состојбата и тие се хотел промаја. И она што ние мислиме дека е затвор, фактичката состојба не е таква“, додава Пандов.