Македонија

Пица наместо правда: Нефи Усеини посилен од државата и охридскиот суд

Си ги рекламира бизнисите, си го полни чекмеџето, за обвиненијата „уво не го боли“. Вака од прилика многумина го доживуваат охридскиот бизнисмен Нефи Усеини дел од структурите на ДУИ. Во Охрид ќе ви кажат: „никој ништо не му можит“. Интересно е што тоа така изгледа и во пракса, до сега. Усеини важи за тендераш, но и тепач. Но, натепаните креваат раце од желбата за правда. Особено интересно е што и државата крева раце пред Усеини, ако се има во предвид дека тој уште пречекува гости во дивоизграден објект во чаршијата.

Речиси секоја вечер, пицеријата на Нефи Усеини нагостува странци, но и домашни туристи. Некои со пица, други со чорба, трети со по некое виски. Не наздравуваат за дивоградбата во која седат, оти сигурно не ни знаат каков е објектот, а ниту чиј е. Знае државата, обвинителката Викторија Коваческа Мандулоска, но охридскиот суд е „тежок за убедување“.

Овој август, Нефи Усеини може да прослави две години откако започнаа судењата против него за дивоизградениот објект во старото охридско јадро, но и пет години откако е покренато обвинение против него. Пресуда нема. Дали правдата е спора или никогаш нема да дојде – не се знае. „Скопје1“ во континуитет ја следеше постапката против Усени, која ја суди судијата Бојан Мариноски. Последно го прашавме претседателот на судот, Васил Баткоски, до каде е постапката – но не добивме одговор.

Нефи Усеини не треба да биде загрижен ниту за истрагата која се води против него за бетонската база која ја стави и тргна на локација близу Охридското Езеро, на стариот пат Охрид-Струга. Одолговлекувањето на неговиот распит го развлекуваше предметот, па обвинителот е далеку од обвинение.
Веќе познато е дека Усеини за тепањето на советник во Општина Охрид беше парично казнет, додека натепан сограѓанин (Спиро Топаловски) кој сведочеше јавно – се откажа од гонење и пред судот изјави дека се пријатели.

Особено интересно е што додека траат сите овие процеси, Нефи Усеини почнал да се рекламира и по дискотеки. „Скопје1“ дојде до материјал од кој се гледа како во едно познато диско во Охрид, на еден од ѕидовите виси напис „Нефи-ИК“, фирма со која Усеини добиваше милионски тендери.

Охриѓани ќе искоментираат: „мојт да ја рекламират и охридскава (не)правда“.

На почеток