Коментари

Немојте со навреди за колегите, слоницата беше од бебе окована во синџири, во Скопје доживеа длабока старост, коментира Мицковска од ЗОО

Портпаролката на Зоолошката градина-Скопје која не беше на работа кога била евтанизацијата на слоницата, алармираше до јавноста да не се навредуваат вработените во јавната институција. Таа посочи дека дека сите ја сакале, се грижеле максимално, а посочи дека претходно била окована во синџири и злоупотребувана во циркус.

„Уште во 2018 година кога првпат се запознавме се спремав психички за овој ден бидејќи уште тогаш кажаа дека годините ти се броени, но за жал никогаш не се подготвив да те испратам, а и не успеав затоа што не сум во Скопје. Ќе речат старост, години колку човечки 100, но љубовта што ти ни ја даваше секојдневно е ненадоместлива… Ќе им фалиш најмногу на Боки и Виктор кои за тебе се грижеа секојдневно, а и на сите нас на кои ни беше омилена. Сите те разгалувавме бидејќи беше најстара жителка заедно со баба Мими шимпанзото, сите внимаваа да имаш комфорт, мир и спокој со оглед на мачниот живот што го имаше во минатото. Од бебе окована во синџири, принудена на циркуски точки и злоупотребувана за забава на циркуска публика, со живот поминат во вагон и патувања во студени краишта како Шведска, Германија, Норвешка заедно со твојата неразделна другарка Даела…

Беше најголемата азиска слоница во Европа според Гинисовата книга на рекорди, но исто така и една од најстарите во светот. Доживеа длабока старост, овде во Скопје, но болката е преголема зошто ти беше животно со многу емоција во себе, небаре детенце со добра душа. Од тебе научивме многу работи, за тоа што е другарство, што е љубов и што е сочувство.

Последните неколку години кога веќе почна да те фаќа сенилност знаеше на моменти да свириш со сурлата во празно како што тоа си го правела на усните хармоники поставени под шаторското крило на циркусот. Тогаш срце ми се кинеше кога ќе те видев… Не знам колку пати жива те преплакав за овие шест години, а можеш да замислиш како ни е сега на сите што те сакавме и колку солзи има за тебе. Ќе бидеш сега во рајот на слоновите, слободна без оковите на минатото.

Најмила Дуња, џинот со добро срце- те сакаме. п.с Ве молам може да пишувате се, но немојте само навреди за моите колеги кои даваат се од себе за животните, а особено за Дуња цел изминат период и овој момент не скрши тотално…“, напиша Мицковска во јавниот статус.

На почеток