Скопје

Дали транспортот на слоницата до „Дрисла“ е според законите?

Зоолошката градина-Скопје е уверена дека транспортот на евтанизираната слоница до депонијата „Дрисла“ е согласно прописите. Во прописите пак, стои дека тоа треба да биде со возила непропустливи за течности, во амбалажа или покриени контејнери. Ова прашање се покрена откако слоницата беше однесена во Дрисла, без да се каже збор, а тоа се направи со камион на јавно претпријатие. Дури по медиумските објави, се огласија од ЗОО-Скопје.

„Транспортот е извршен согласно законските прописи и правилници на АХВ“, велат од Зоолошката градина-Скопје.

Прашањето за транспортот до депонијата е регулирано со Закон за нуспроизводи од животинско потекло.

„Транспортните средства треба да се возила непропустливи за течности, или во запечатена нова амбалажа или во покриени контејнери, да се од материјал кој лесно може да се исчисти механички, да се измие и дезинфицира“, велат од АХВ.

Според АХВ, обврска на секое одгледувалиште е да врши соодветно отстранување на мршите од угинатите животни. По обдуцискиот наод ќе се одлучи и дали има потреба од инспекциски надзор.

На почеток