Како избега Блерим Рамадани: Судијата Пајазити го става и вади од зад решетки при непроменети околности, обвинител се жали, Кривичен совет го враќа – но него го нема!
Судијата Пајазит Пајазити го ставил, па го пуштил поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од ефективен притвор, иако околностите под кои е одреден притворот биле непроменети, дознава „Скопје1“. На МВР им била дадена насока да вршат контроли, кои биле правени секојдневно. Обвинителството за гонење организиран криминал (ОЈО-ГОКК) не се согласило и поднело жалба. Денот кога Кривичен совет одлучува по жалбата – Рамадани бега. Вака изгледал текот на настаните кога во прашање е Рамадани, за кого Србија има потерница и го бара за извршени воени злосторства.
„Скопје1“ дојде до информации како постапувале судијата Пајазит Пајазити, Кривичниот совет кој одлучува по жалби, Обвинителството кое бараше притвор и се жалеше за куќниот притвор, Министерството за внатрешни работи задолжено да прави контроли на адресата каде Рамадани беше во куќен притвор. Заклучокот е дека МВР не може да го пушти Рамадани да избега, туку судот со неодредување на најстрогата мерка.
Рамадани беше уапсен на 18 јули. Судијата Пајазити го праќа во притвор зад решетки. Осомничениот се жали по два основи – дека е противзаконски лишен од слобода, како и дека не треба да биде во притвор бидејќи нема намера да бега, ниту причина. Постапува Кривичниот совет на судот, кој одлучува дека жалбата за противзаконитото апсење му е одбиена оти касно ја поднел, а дека поплаката за притворот му е исто така ненавремена, но и неоснована. Тој останува зад решетки.
Пајазити решава да му го укине притворот на Рамадани на 1-ви август. Го испраќа во куќен притвор кај роднина, кој живеел во Чаир. Рамадани е спроведен од полицијата. Ова решение, Пајазити го носи без разлика на фактот што околноста поради која му е одреден притвор е непроменета – а тоа е дека се бара по потерница. Неофицијално дознаваме дека судијата не бара ниту став од обвинителот, иако, тоа се прави пред сѐ поради еднаквост на оружјата во правната постапка. Рамадани излегува на слобода, а обвинителот се уште не е ниту известен за одлуката донесена од судијата Пајазити.
Министерството за внатрешни работи е известено за судската одлука и добива задолжување да врши контроли во Чаир, каде Рамадани го издржува куќниот притвор. Не бил определен 24-часовен надзор, иако Пајазити имал таква можност согласно Законот за кривична постапка, туку укажал контроли да се прават еднаш во денот. Полицијата при рандом секоја контрола, го затекнува осомничениот на адресата.
По пет дена од одлуката на Пајазити, решението за куќен притвор го прима и обвинителот. Истиот ден, до Кривичниот совет (второстепен орган за жалби по притвор), стигнува жалба од обвинителот кој бара Рамадани да биде вратен во притвор бидејќи околностите не се променети, тој се бара со потерница, а постои оправдана опасност од бегство.
Кривичниот совет од тројца судии заседава и одлучува вчера (14 август), и заклучува дека жалбата на обвинителката е оправдана и Рамадани треба да биде вратен во притвор зад решетки. Но, касно. Полицијата оди на адресата за да го спроведе во затворот „Скопје“ во Шутка, но не го наоѓа на адресата каде ја издржувал мерката. Веднаш го известува судот, па има централна потерница. Меѓудругото, колегите судии, констатираат дека судијата на претходна постапка, Пајазити, укинувањето на ефективниот притвор, и одредувањето на куќен притвор, го направил иако немало променети околности и лицето може да се даде во бегство.
По осомничениот Рамадани е објавена централна потерница и се трага. „Скопје1“ прати повеќе прашања до Кривичниот суд поврзани со низата правни чекори преземени од судот и судијата Пајазит Пајазити – на кои до овој момент не доби одговор.