Се заплеткува: Врховен ќе одлучува за екстрадиција на човек кој воопшто не е достапен за екстрадирање
Обвинителството доставило мислење за предметот во врска со екстрадицијата на Блерим Рамадани, соопшти Врховниот суд. Од наши извори, дознаваме дека сега, се проблематизира и евентуалното одлучување по тоа дали екстрадицијата ќе се дозволи или не, со оглед дека лицето не е достапно за органите на прогонот во Македонија. Сепак, од Врховен најавуваат дека одлука ќе донесат.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека денеска, 20.08.2024 година, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, до Врховниот суд достави мислење за предметот во врска со екстрадицијата на Блерим Рамадани.
Врховниот суд на Република Северна Македонија согласно член 68 став 2 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, е должен да одлучи по конкретниот предмет во рок од три дена од доставувањето на мислењето од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, велат од Врховен суд.
Највисокиот суд во државава, може да ја запре постапката, со оглед дека Рамадани, ексвојник на ОВК е надвор од нашите граници и Македонија при позитивна одлука нема кого да екстрадира. Сепак, неофицијално се зборува дека одлука на Врховен ќе има, а ќе биде во корист на Рамадани, а која може да послужи за судијата Пајазит Пајазити да ги правда неговите постапки кои се според судска пракса, но не и според закон.