Македонија

Како спинува Кривичен за бегството на Рамадани: се повикуваат на пракса, наместо закони!

Повикувајќи се на судска пракса, а не на закони, Кривичен суд се обидува да го одбрани судијата Пајазит Пајазити, кој го ослободи Блерим Рамадани од екстрадиционен ефективен притвор и го прати во домашен. Пајазити не негира дека при непроменети околности донел одлука за Рамадани да биде пуштен од зад решетки, па вперува прст во МВР оти тие требало да вршат надзор, но не соопштува дека надзор според закон можел да врши и самиот суд – но тоа не било направено. Пајазити се повикува на судска пракса, иако требало да постапува според Законот за меѓународна соработка во кривична постапка.

„Факт број два е дека конкретното лице било во активен притвор со решение на Судија на претходна постапка од 17.07.2024 до 01.08.2024 година, или 15 дена, односно, согласно досегашната судска пракса за овие случаи, тоа е максималното време кое некое лица го поминало во екстрадиционен притвор“, вели Кривичен суд.

Но вистинскиот факт е дека Законот не му забранува на судијата Пајазити да одреди притвор во должина соодветна за да се спроведе целата постапка за оценување на евентуалната екстрадиција. Дотолку повеќе што Законот посочува дека само при посебни причини, ефективниот притвор може да се замени со друга мерка – што во конкретниот случај и не се наведени дека постојат.

„Надлежниот судија на претходната постапка, доколку тоа го оправдуваат посебни причини, наместо притвор може да определи друга мерка за обезбедување присуство на лицето чијашто екстрадиција се бара согласно со закон“, стои во Законот за меѓународна соработка во кривична постапка.

Пајазити во одлуката за ослободување од зад решетки на Рамадани, кој потоа избега, се повикува на претпоставка дека досега судовите не дозволувале екстрадиција во слични случаи, па сметал дека тоа ќе биде така и сега.

„Факт број три е дека на 01.08.2024 година, по предлог на одбраната на лицето, донесено е решение со кое лицето и понатаму останува обезбедено за органите на прогон преку куќниот притвор, а при донесување на решението, судијата имал предвид дека: имајќи ја предвид веќе воспоставената судска пракса за постапување на нашите судски органи при идентично исти случаи, односно на лица на кои првично им било определена мерка притвор, во сите одлуки на Кривичниот совет при надлежните судови е утврдено дека не се исполнети Законските претпоставки за екстрадиција, а овие одлуки се потврдени од Врховниот суд на РСМ, согласно Законските одредби, може да биде обезбедено со поблаги мерки како куќен притвор, мерки за обезбедување присуство или гаранција. – што е наведено во решението, додека надзорот над куќниот притвор, согласно решението се доверува на МВР односно надлежната полициска станица“, се вели во писанието на Кривичен за правдање на Пајазити.

Сепак, Кривичен суд испушта да соопшти неколку клучни моменти. На пример, Законот за кривична постапка предвидува одредување на притвор се додека постои основано сомневање дека Рамадани сторил кривично дело, а тоа значи сѐ додека не се донесе судска одлука која ќе го потврди спротивното. Воедно, Законот посочува дека основа за притвор е можноста лицето да бега и да се крие – што во конкретниот случај се случи при одредување на поблага мерка.

„Врз основа на распишана меѓународна потерница, односно врз основа на барање за екстрадиција, а кога се исполнети условите за определување притвор согласно со одредбите на Законот за кривичната постапка“, стои во Законот за меѓународна соработка во кривична постапка, за во Кривичниот законик, член 165 се дообјаснува: „Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело, доколку притворот е неопходен за непречено водење на кривичната постапка, против тоа лице може да се определи притвор, ако: 1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство“.

За Судот, последен факт е дека Кривичниот совет донел решение со кое екстрадицијата се одбива, но одлуката била донесена по 8 дена откако Рамадани бил пуштен од зад решетки, а истата и не е конечна бидејќи последната одлука ја носи Врховен суд.

„Како последен факт, би сакале да потенцираме дека согласно воспоставена судска пракса и меѓународното право, Кривичниот совет донесе решение според кое не се исполнети Законските услови за ектрадиција и целиот предмет е доставен на надлежно постапување на Врховниот суд на РСМ“, велат од Кривичен суд.

„Скопје1“ пишуваше како избега Рамадани.

Како избега Блерим Рамадани: Судијата Пајазити го става и вади од зад решетки при непроменети околности, обвинител се жали, Кривичен совет го враќа – но него го нема!

На почеток