Мицкоски: Имаме рекордно највисока откупна цена за вранец и смедеревка во однос на минатата година
„Можам да кажам дека навистина лозарите и луѓето кои што се занимаваат со оваа работа се задоволни од ова што можам да го добијам како информација од терен, секако може секогаш подобро. Но откупната цена за вранецот, откупната цена за смедеревката 19, 20 денари, 22, 23 денари е цена што е рекордна, историска, 25 проценти повисока од минатогодишната“, објасни претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа како се одвива процесот годинава, бидејќи во тек е откупот на грозјето.
Премиерот ги охрабри винарските визби, производителите на вино, како и оние коишто го откупуваат грозјето уште повеќе, ако можат и дозволуваат нивните бизнис планови, да ја зголемат цената, бидејќи вообичаен род е некаде меѓу 100 до 120 милиони килограми.
„И јас би ги охрабрил винарските визби производителите на вино коишто го откупуваат грозјето уште повеќе ако може ако дозволуваат нивните бизнис планови да ја зголемат цената бидејќи знаете вообичаен род е некаде меѓу 100 до 120 милиони килограми. Оваа година поради временските предизвици негде меѓу 65 до 70 милиони килограми. Секако нема доволно род на пазарот, така што ги охрабрувам уште повеќе да ги стимулираме земјоделците, лозарите да се вратат на нивите и повторно би рекол да ги возобновиме лозовите насади и повторно да можеме да произведуваме од 100 до 120 милиони килограми во текот на годината“ рече премиерот.