Од Фејсбук не го именуваа извршителот, но соопштија дека ФБИ „активно истражува кој е одговорен за нападот“ и дека било побарано од нив да не расправаат за тоа кој би можел да стои зад нападот.
Компанијата претходно објави дека податоците на околу 50 милиони корисници биле изложени поради безбедносна „дупка“ благодарение на која хакерите ги украле лозинките кои им овозможиле да пристапат во профилите.
Досега не беше колкав број податоци биле искористени, а откако на официјалниот блог објавија дека хакерите имале пристап до телефонските броеви и мејловите на над 29 милиони корисници, светските медиуми го нарекоа ова најголемиот хакерски напад во историјата на Фејсбук.
Хакерите успеале да дојдат до имиња, имејл адреси и телефонски броеви на повеќе од 29 милиони корисници. Од тие 29, хакерите успеале да добијат и дополнителни податоци: пол, град во кој ѓивеат, роденден, податоци за уредот од кој пристапуваат до Фејсбук, последните 10 локации од кои се „логирале“ на Фејсбук и последните 15 пребарувања. За уште милион корисници хакерите се обиделе, но не успеале да дојдат до никакви податоци.
Компанијата во соопштението вети дека ќе ги информира сите 30 милиони корисници преку својот Центар за помош во следните неколку дена.
Фејсбук исто така за првпат откри како хакерскиот напад бил извршен. Напаѓачите претходно влегле во 400 илјади профили, а потоа преку нив, благодарение на безбедносната „дупка“ во кодот на социјалната мрежа, успеале да украдат „токени за пристап“ до нивните пријатели. Откако влегле во профилите нивните пријатели, на ист начин влегле во пријателите на пријателите, и така со метод на снежна топка влегле во десетици милиони профили.
„Невообичаен пораст на активностите“ бил забележан на 14 септември, а дури 11 дена подоцна Фејсбук ја препознал оваа активност како непријателски напад. Безбедносната дупка била затворена два дена подоцна, на 27 септември, а корисниците и државните функционери за приватност биле информирани во согласност со новата европска регулатива ГДПР.
Фејсбук тврди дека нападот не влијаел врз останатите нивни социјални мрежи, односно мобилни апликации: Месинџер, Уатсап и Инстаграм.