Папата Франциско слета во Индонезија, првата станица од неговото најдолго патување


Папата Франциско слета во Индонезија, започнувајќи го најдолгото патување во странство на понтификатот, кое ќе го однесе во четири земји во Југоисточна Азија и Океанија во следните 12 дена.
87-годишниот поглавар на Католичката црква пристигна во Џакарта по повеќе од 13-часовен лет од Рим, со специјален лет на италијанската авиокомпанија ITA Airways.
Со повеќе од 240 милиони муслимани, Индонезија е најнаселената муслиманска земја во светот.
Понатамошни постојки ќе бидат Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур.
45-тото патување на папата во странство во неговиот 11-годишен понтификат особено ќе се фокусира на мирниот соживот меѓу различните религии.
Од четирите земји што има намера да ги посети, само во Источен Тимор мнозинството од населението се идентификува како католици.
Со оглед на возраста и здравјето на папата, кој сега често користи инвалидска количка, паузите меѓу неговите патувања во странство станаа подолги.
Последното големо патување на папата во странство беше пред една година, кога ја посети Монголија.
На оваа турнеја папата Франциско со авион ќе помине вкупно повеќе од 30.000 километри.
Тој треба да се врати во Рим на 13 септември.
Посетата на Луксембург и Белгија е негово следно патување во странство подоцна овој месец.
