Македонија

Предлогот за уставни измени в понеделник на пленарна седница, двотретинското мнозинство неизвесно

Предлогот за уставни измени и спротивставените ставови меѓу пратениците од власта и од опозицијата ја одбележаа  работната недела што измина. По дводневна расправа на собраниската Комисија за уставни прашања, поддршка за пристапување кон измените на Уставот вчера беше изгласана од десет пратеници на владејачкото мнозинство. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не го поддржаа предлогот на Владата и сите седум пратеници на оваа партија, членови на Комисијата, гласаа против.

На Комисијата беа донесени заклучоци за пристапување кон уставни измени и Владата во рок од 15 дена да изготви нацрт-аманадмани и да ги достави до Парламентот.

За понеделник во 11 часот е закажана пленарна седница на Собранието на која пратениците ќе расправаат по Предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Македонија. Потребата од пристапување кон уставни измени треба да биде изгласана од две третини од вкупниот број пратеници во Парламентот.

Во предлогот за измени на Уставот, кој Владата го утврди и соопшти во понеделникот, се предлага: Во целиот текст на Уставот пред Република Македонија се додава придавката северна; Измени во Преамбулата на Уставот со именување конкретни документи на АСНОМ заради усогласување со Договорот со Грција; Поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии и грижа за Македонците и дијаспората во странство што ќе значи дека Републиката ќе се грижи за културните, економските и социјалните права на нејзините припадници во странство без да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

На комисиската седница вчера премиерот Зоран Заев повторно апелираше до пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се изнајде консензус и единство за прашањето поврзано со влезот на државата во ЕУ и НАТО.

– Да се обидеме да се исправиме пред одговорноста и одлуките. Секој со своите ставови. Кажано е се. Се повторуваат ставовите, но прашањето е дали можеме да изградиме консензус, единство, нешто зад кое ќе застанеме заедно. Подобар договор нема. Дајте да видиме можеме ли со уставниот закон да промениме нешто што оди паралелно за да може да ги приближиме ставовите. Можеме ли некако да го зацврстиме тоа со идентитетот и со јазикот, да разговараме со нешто што ќе не сплоти, но дефинитивно НАТО и ЕУ остануваат нешто што политички не држи заедно, рече претседателот на Владата.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во своите излагања кажуваа дека предлогот за пристапување кон уставни измени е непрецизен, нејасен, се злоупотребува волјата на граѓаните изразена со резултатите од референдумот, а дека владата брише се што е македонско.

Од тоа дали ќе бидат обезбедени две третини за поддршка за  измени на Уставот, ќе зависи и дали претстојат нови предвремени парламентарни избори, кои би се организирале со скратени рокови.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток