Свет

(Видео) Се повеќе жртви на тајфунот во Виетнам: Се урна мост, сите возила паднаа во река

Обилните дождови продолжија да паѓаат во северниот дел на Виетнам откако тајфунот Јаги ја погоди земјата, кој предизвика лизгање на земјиштето, поплави, големи материјални штети, прекин на електричната енергија, како и смрт на најмалку 21 лице и 299 повредени, објавија денеска државните медиуми.

Сообраќаен мост над надојдената Црвена река во провинцијата Фу То утрово се урна. Неколку возила паднале во реката, а три лица биле спасени и пренесени во болница.

Во неделата, од лизгање на земјиштето загинаа шест лица, меѓу кои и едно бебе, а уште девет беа повредени во градот Са Па.

Тајфунот Јаги беше најсилниот тајфун што го погоди Виетнам во последните неколку децении, а во саботата ја опустоши земјата со удари на ветер до 149 километри на час. Во неделата ослабна до тропска бура, но метеоролошката агенција на земјата сепак предупреди дека континуираните врнежи може да предизвикаат поплави и лизгање на земјиштето.

Најмалку три милиони луѓе останаа без струја во провинциите Куанг Нин и Хаи Фонг.

Јаги оштети и земјоделско земјиште, близу 116.192 хектари каде најмногу се одгледува ориз.

Пред да удри во Виетнам, Јаги предизвика најмалку 20 смртни случаи на Филипините минатата недела, како и три смртни случаи во Кина.

На почеток