Скопје

(Видео) Тече вода и внатре – автобус на ЈСП прокиснат: Надвор врне, автобуси нема. Ајде дојде еден – во него сите стојат а седиштата мокри

Дождот во Скопје, освен улиците, почна да ги покиснува и автобусите. Граѓаните кои се револтирани бидејќи не се следи возниот ред од ЈСП, сега реагираат и поради тоа што водата влегува внатре во возилата. Таков е случајот со автобусот кој утринава се обраќал на линија број 58. Патничка за „Скопје1“ сведочи за катастрофалната слика од автобусот.

„Јас како студент оваа утро одам на факултет. Надвор врне, автобуси нема. Ајде дојде еден – во него сите стојат а седиштата мокри. Изгледа цело зимо со вакви автобуси ќе се возиме“, вели студентка од Скопје за „Скопје1“.

Подолг период се поставува прашањето за исправноста на возилата на ЈСП со кои се превезуваат патници. Летово, значителен дел од нив се расипуваат среде улици и булевари, на еден автобус му испадна тркало среде Партизанска, други се запалија.

Директорот на ЈСП, Драги Кушовски уште во јули кажа дека сервисите се одвиваат тешко, бидејќи ЈСП должи милиони.

„Откажуваат соработка на некој начин, бидејќи ЈСП не може да ги сервисира обврските кон тие договори“, рече директорот.


„Скопје1“ на 23 август го праша директорот Кушовски, дали чувствува малку одговорност што се растовараат патници среде улици, но и поради расипаните автобуси. Тој ни одговори: „Ќе проверам“ и оттогаш, не одговори на прашањето.

За ужасната состојба е свесна и градоначалничката Данела Арсовска. Досега од неа, јавноста не слушна за план како да се реши проблемот со постоечките автобуси и тие да се поправат. Во континуитет, зборува за набавка на нови, нешто што е неминовно за надминување на проблемите со јавниот превоз, но кои би стигнале дури другата година.

На почеток