И аналитичарите и украинскиот народ и војската се согласуваат за наследникот: Кој има најголеми шанси да стане нов претседател на Украина
Јавна тајна беше дека имало конфликт меѓу Зеленски и Залужни. Гласините се интензивираа во есента 2023 година по неуспехот на украинската офанзива, како и поради претседателските избори кои требаше да се одржат оваа година, но беа одложени поради воената состојба. Популарна верзија во украинските политички кругови е дека Зеленски се откажал од плановите за одржување избори поради страв од конкуренцијата на Залужни, бидејќи, според низа анкети, генералот бил толку популарен што можел да го победи актуелниот претседател.
Роден во западниот град Новорад-Волин, Валериј Залужни дипломирал на локалното инженерско училиште во 1993 година, две години откако Украина прогласи независност од Советскиот Сојуз. Подоцна, тој влезе во воената академија во црноморското пристаниште Одеса, каде што дипломира во 1997 година. Тој беше распореден во источниот регион Донбас по 2014 година, кога Москва почна да поттикнува војна таму. Недоволно финансираната војска на Украина првично беше фатена и изгуби делови од територијата на сепаратистите поддржани од Русија. Меѓутоа, таму киевските трупи се прегрупираа и се зацврстија со битка, а во Донбас, Залужни се здоби со репутација за неговите неортодоксни иницијативи, кои пораснаа уште повеќе по 24 февруари 2022 година. Фактот дека значително послабите украински војници секојдневно ги уништувале Русите и нивните тенковски колони најчесто се припишува на одбранбената тактика планирана од Залужни.
„Железниот генерал на Украина ја покажа својата храброст. Неортодоксната тактика на генералот Валериј Залужни помогна да се наруши рамнотежата во војната“, напиша Financial Times минатиот ноември.
Сепак, политичкиот притисок врз Залужни стануваше се посилен со текот на времето. На новинарите, дури и од светски познатите медиуми, им беше многу тешко да го натераат да се согласи на интервју, а тој ретко даваше дури и едноставни изјави.
„Причината за молкот на генералот беше љубомората на опкружувањето на претседателот поради неговата популарност, па за да избегне дополнителни тензии во односите со Володимир Зеленски, Залужни претпочиташе да одговори „не“ на барањето на секој новинар за интервју“, се вели во објавата.
Сепак, сите овие мерки на претпазливост не го спасија од отказ, а капката што ја прели чашата беше колумната на Залужни во „Економист“ каде пишуваше за „ќорсокакот“ на фронтот. Ова ја налути претседателската канцеларија, која се обидуваше да го задржи оптимизмот меѓу населението и сојузниците.
За да избегне директен конфликт со популарниот генерал, Зеленски го назначи Залужни амбасадор во Велика Британија. Сепак, повеќето украински аналитичари проценуваат дека Валериј Залужни во иднина ќе се вклучи во политиката со големи шанси да стане претседател на Украина.