(Фото) Автобус на ЈСП остана без гума во Кисела Вода
Проблемите со автобусите на ЈСП станаа скоро секојдневни, а прашањето дали граѓаните се безбедни со јавниот превоз – се погласно се поставува. Утрово, автобус остана без гума, кај Дом за слепи во Кисела Вода. Возилото беше паркирано на последната лента и вон возна состојба. Од фотографиите се гледа дека гумата е целосно искината и излезена од бандажот.
Ова не е првпат да се случи истово. „Скопје1“ на почетокот од август објави како гума од автобус буквално излета низ „Партизанска“.
Вчера пак, прокисна еден од автобусите.
Подолг период се поставува прашањето за исправноста на возилата на ЈСП со кои се превезуваат патници. Летово, значителен дел од нив се расипуваат среде улици и булевари, на еден автобус му испадна тркало среде Партизанска, други се запалија.
Директорот на ЈСП, Драги Кушовски уште во јули кажа дека сервисите се одвиваат тешко, бидејќи ЈСП должи милиони.
„Откажуваат соработка на некој начин, бидејќи ЈСП не може да ги сервисира обврските кон тие договори“, рече директорот.
„Скопје1“ на 23 август го праша директорот Кушовски, дали чувствува малку одговорност што се растовараат патници среде улици, но и поради расипаните автобуси. Тој ни одговори: „Ќе проверам“ и оттогаш, не одговори на прашањето.
За ужасната состојба е свесна и градоначалничката Данела Арсовска. Досега од неа, јавноста не слушна за план како да се реши проблемот со постоечките автобуси и тие да се поправат. Во континуитет, зборува за набавка на нови, нешто што е неминовно за надминување на проблемите со јавниот превоз, но кои би стигнале дури другата година.