Путин на војниците им даде рок до кога треба да ги победат Украинците во Курската област
Руските сили започнаа голема контраофанзива во областа Курск, откако украинските војници влегоа на територијата на почетокот на август. Според наредбата на рускиот претседател Владимир Путин, целта на оваа воена операција е до 1 октомври да се врати контролата врз регионот, што го потврди и руското Министерство за одбрана.
Сè започна на 6 август, кога силните украински сили, броејќи до десет баталјони со околу 400 војници по единица, извршија ненадеен напад долж границата на областа Курск. Украинските војници успеаја да ја пробијат руската одбрана, која се состоеше од слабо опремени и слабо обучени руски регрути и во следните недели презедоа контрола над 1.300 квадратни километри територија. Украинските сили, исто така, окупираа околу 100 населени места, предизвикувајќи голем притисок врз руските воени и политички лидери.
Ова навлегување на украинските сили сериозно го дестабилизираше рускиот фронт во регионот. Украинците ја искористија својата воена супериорност, во комбинација со модерното западно вооружување, за да направат значителни територијални придобивки. Сепак, стабилизирањето на ситуацијата на линијата на фронтот следеше по неколкунеделните интензивни борби.
Откако ситуацијата во областа Курск стана критична, Владимир Путин и нареди на руската армија да ги врати изгубените територии до 1 октомври. Овој рок изврши дополнителен притисок врз руските сили и во средата, на 11 септември, започна руската контраофанзива со цел да се истуркаат украинските војници од тој дел од територијата. Руските трупи започнаа офанзивни операции долж западниот раб на украинскиот фронт, а борбите се проширија во неколку села во областа Курск.