Собранието со 65 гласа „за“ го изгласа Законот за заемот од половина милијарда евра од Унгарија
Со 65 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за задолжување од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка.
Против Законот кој го предложи Владата гласаа 15 пратеници, а „воздржани“ немаше.
На гласањето му претходеше едночасовна дискусија.
Пратеници на опозицискиот СДСМ веќе предходно се изјаснија дека ќе гласаат против Законот, додека ВМРО-ДПМНЕ го бранеа заемот, кој како што рекоа ќе внесе свежи пари во македонската економија и ќе помогне во развојот на општините преку поддршка на проекти.
Инаку, заемот беше договорен кон средината на јули од страна на премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.