Македонија

Андоновска: Починатиот од западнонилска треска е заразен во земјава

78-годишен маж од Чешиново-Облешево почина од западнонилска треска на Инфективната клиника.

Во изјава за медиумите в.д. директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска вели дека во 80 отсто од случаите вирусот на западнонилска треска не дава симптоми, во 20 отсто пројавува благи симптоми на грип, а во помалку од еден процент може да биде зафатен централниот нервен систем

„Првиот случај е тестиран во април, лицето е од Струмица, импортиран од Кенија. Вториот случај е човек од Кочани, импортиран од Тунис, во месец јули е тестиран во Институтот за јавно здравје. Третиот случај е тестиран од Институтот за јавно здравје во месец август, човекот е од Тетово и при епидемиолошката анкета не изјавува дека имал некакво патување. И четвртиот и последен случај е тестиран во Институтот за јавно здравје на 12 септември. Човекот е од Чешиново-Облешево и бил хоспитализиран на Инфективната клиника и, за жал, истиот е починат. При епидемиолошката анкета истиот дал податок дека не патувал никаде“, вели Андоновска.

Од почетокот на годината досега во Институтот за јавно здравје биле извршени вкупно 30 тестирања за западнонилска треска, од кои кај четири лица е потврдено дека се позитивни на вирусот.

Инаку, како што претходно соопштија од ИЈЗ, во регионот на општина Кочани е забележано присуство на комарци, поради што се спроведени активности за прскање и дезинсекција.

Во општина Чешиново-Облешево и покрај планираната тендерска постапка, досега не се спроведени активности за дезинсекција.

На почеток